Човек
Биди нем и слеп
кога љубов даруваш,
кога зад себе дело оставаш
кога туѓо срце стоплуваш.
Само со срцето
ќе почувствуваш,
дека тогаш човек си.
Зборови
Не им ја познаваш моќта.
Ах, тие зборови
огнени стрели и медени капки.
Сила им даваш,
па им ја одземаш,
па ги наградуваш
па ги уназадуваш.
Не им ја чувствуваш топлината.
Зашто, ти креираш
создаваш,
рушиш,
градиш.
Се запраша ли еднаш.
Зошто болат и горат,
љубат и мразат.
Зошто не одговориш?
Се плашиш од вистината
дека не си во право,
или мислиш дека право е да управуваш со нив,
додека тие те хранат
прерануваат
држат во живот.
Запрашај се.
Барем еднаш.
Песна
Секој не (разговор)
со човекот е песна.
Песна или строфа,
за него сведочат тие.
Поглед или дело,
го насликуваат.
Мал е човекот,
кога големината
му е земна.
Поглед
Тмурен и студен
погледот ти е.
Под сонцето стоиш и се криеш,
со очи како јатки оревови.
Ѝ пркосиш на судбината
ѝ вртиш грб,
небаре,
очите не те издаваат
чиниш срцето нема јазик
и кротко се повлекуваш
чекор наназад
од себе.
Поет
Катаден ме полеваш,
надгледуваш, љубиш.
Ти, од другата страна на перото
обичен човеку, млад поету,
вљубенику,
романтичару,
со лице ко сонце,
со срце ко мед.
Андреј Јанков е роден 1998 година. Основно училиште завршува во ОУ „Малина Попиванова” – Кочани, а средно во СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип. Студент е на Филолошкиот факултет „Гоце Делчев“ – Штип, на Катедрата за македонски јазик и книжевност. Својата пасија и љубов кон пишаниот збор ги пројавува некаде околу средината на неговата адолесценска возраст. Континуирано и внимателно го гради своето творештво врз една стабилна, уредна и успешна низа од безброј песни, раскази и есеи. Се стекнува со голем број на награди, трофеи, дипломи и благодарници. Учествува на разни литературни манифестации во и вон државата. Активен член е во литературниот клуб „Копнеж“ – Кочани, во книжевното списание „Кула“ и во Студентското собрание при Филолошкиот факултет во Штип. Пишува поезија, проза, хаику-поезија, есеи. Ова е неговата прва стихозбирка, која претставува збирка поезија.